Mobirise

Археолошки Локалитети

Бачилиште

Бачилиште — археолошки локалитет во прилепското село Дебреште. Локалитетот претставува населба од римско време. Се наоѓа на неколку стотици метри источно од локалитетот Градиште, на десната страна од патот Прилеп-Кичево, каде по површината на нивите се среќаваат фрагменти од керамички садови, питоси, покривни ќерамиди и друг градежен материјал

Горна Црква

Горна Црква — археолошки локалитет во прилепското село Дебреште. Локалитетот претставува населба од доцноантичко време и црква од старохристијанско време. Се наоѓа на околу 400 м западно од селото, каде на поголема површина во подножјето на Лениште има фрагменти од керамички садови и питоси. Во горниот дел на локалитетот се наоѓа мала височинка на која се констатирани остатоци од црква. Откопани се повеќе мермерни сполии кои се наоѓаат кај 2 локални жители

Градиште 

Градиште — археолошки локалитет во прилепското село Дебреште. Локалитетот претставува населба од неолитското време па се до средниот век. Се наоѓа под селото, на околу 26 км северно од Прилеп и западно крај патот Прилеп-Македонски Брод. Ги опфаќа културните слоеви од преминот од IV во III век пред н.е. па сè до XIV век. Поточно, регистрирани се остатоци од населби од доцнонеолитското, бронзеното, железното, хеленистичкото, римското и доцноантичкото време, сè до XII-XIII век.[1]


Праисториските периоди обилуваат со голем број фрагменти, а се среќаваат и антропоморфни фигурини. Многу е богат населбинскиот слој од III-II век пред Христос. Се издвојуваат остатоци од згради, чии ѕидови од внатрешната страна имаат фини премази од кал, кои се украсени со линеарни композитни орнаменти. Има цврсти градби покрај самата тврдина, а малку понаисток од нив овални градби-куќи од плет. По големата преселба на Словените, на овие простори на крајот од VI век се присутни припадниците на словенското племе Брсјаци, кои организирале своја населба и овде, во средишниот простор на локалитетот. Досега целосно е откопан долниот дел од словенска куќа, од кругот на прашко-пенковската култура. Тоа е тип на куќа полуземјанка со правоаголна основа и со покрив на две води, кој со долниот раб лежел на земјата. Источниот и западниот ѕид биле изработени од плет, влезот се наоѓал на западниот ѕид, а во југоисточниот агол имало масивна печка од кршен камен. Во нив имало и јами за складирање на жито. Југоисточно од источната порта на тврдината има некропола со гробови од хеленистичкото, хеленистичко-римското време и од IV век. Од римското време има гробови и североисточно од оваа порта. Некропола од VII и евентуално од VIII век има западно од западната порта на тврдината, на локалитетот Млака. Некропола од VI век има во составот на христијанскиот сакрален комплекс, што се состои од трикорабна базилика со синтронос и тронос, баптистериум и мартириум. Во составот на овие старохристијански објекти се наоѓа и некропола од IV до VI век, со накит карактеристичен за овие времиња. Северозападно од нив има некропола од VII и VIII век, со многубројни примероци на накит од бронза и бакар. Во рамките на некрополата се пронајдени остатоци од мала крстообразна црква со припрата на западната страна. Во овој комплекс од слоеви посебно е значајна тврдината. Последната фаза на тврдината потекнува од времето на Јустинијан I. Во времето на своето функционирање била опколена со вода. Нејзините ѕидови се од кршен камен. Најдебели се ѕидовите на оние страни, каде што водата не била пречка за напаѓачите. Има пет кружни кули и три петоаголни. Најраната тврдина потекнува од времето на Првата македонска војна (215-205). Токму од оваа тврдина раководел Персеј, синот на кралот Филип V. Се чини дека тврдината во последните децении на V век била надвор од својата основна функција, на што особено укажува откритието на голема масивна зграда–форталициум, со дебели ѕидови од кршен камен и варов малтер што ја изградиле источните Готи во времето на својот престој во Пелагонија. Тврдината ја губи својата основна функција на одбрана во последните децении на VI век. Сe до XIV век овој локалитет имал населбински карактер, а од тоа време па натаму се користи исклучиво за земјоделство.

Загориче 

Загориче — археолошки локалитет во прилепското село Дебреште. Локалитетот претставува населба и црква од среден век. Се наоѓа на 1,5 км од селото и исто толку источно од селото Кошино, каде во подножјето на Караџова Нива има фрагменти од керамички садови, питоси, црепни и згура од топена руда. На еден мал простор од 20 м2, обраснат со ниска вегетација, има грамада од кршен камен, бигор и фрагменти од средновековни покривни ќерамиди.[

Млака

Млака — археолошки локалитет во прилепското село Дебреште. Локалитетот претставува некропола од среден век. Се наоѓа на околу 250 м западно од локалитетот Градиште, каде преку малата рекичка кон селото Дебреште, се откриени повеќе гробови со конструкции од валчести камења, временски датирани во VIII и IX век. Во нив е најден накит од сребро и бронза. Наодите се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп

Кале

Кале — археолошки локалитет во прилепското село Дебреште. Локалитетот претставува кастел од доцноантичко време. Се наоѓа 1,5 км југоисточно од селото, на северозападниот раб на Пелагониското Поле, каде со долгогодишните ископувања биле откриени помали остатоци од предисторијата, од хеленистичко и римско време. Во раниот IV век тука бил изграден цврст кастел од камен со малтер. Кастелот бил уриван во доцниот VI век за време на аваро-словенските инвазии, меѓутоа повторно бил обновуван и користен

FACEBOOK COMMENTS WILL BE SHOWN ONLY WHEN YOUR SITE IS ONLINE

Сподели